Никола Димитров: Клучно е со Грција да не се разговара за идентитетот

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, смета дека клучот на претстојните преговори за името со Грција е да не се разговара за идентитетот.
„Тоа прашање е многу комплицирано. Најважно е во преговорите да не се разговара околу идентитетот, бидејќи ние мораме да продолжиме да бидеме Македонци. Тоа не е наш избор – такви сме родени“, изјави тој за литванскиот портал „15 минути“, одговарајќи на прашањето за веројатноста за компромис во вид на „Горна Македонија“ или „Северна Македонија“.
Детално елаборирајќи за историјатот на спорот со името, Димитров заклучи дека македонската страна направила грешки.
„Приклучувањето кон НАТО значи дека мораме да бидеме сојузници. Мораме да зборуваме, мораме да ја убедиме Атина да престане да ги блокира нашите напори. Ние направивме грешки, а можеби процесот ќе биде можност за некои од овие грешки да ги коригираме“, рече тој.
На констатацијата дека „македонските конзервативци можеби непотребно ги изиритираа Грците со поставувањето на споменикот на Александар Велики“, шефот на македонската дипломатија со став: „Таквите акции беа до одреден степен реакција на грчкото вето. Како да се сакаше да се каже: ‘Ние исто така можеме да ви наштетиме’. Но, светот не функционира така. Како македонски државјанин, не ми требаат 50 споменици за да се гордеам со мојата земја. Би сакал да барам причини за гордост во мојата земја денес, а не пред илјадници години“.
Во мегаинтервјуто, насловено „Се бориме за идните генерации“, македонскиот министер за односи со странство се осврнува и на двегодишната политичка криза, на смената на власта, на мигрантската криза, на албанскиот фактор, на 75-процентната поддршка за членство во НАТО визави односите со Русија, на интеграцијата во ЕУ…
„Ако во светот постои регион во кој Европа може да ја промени ситуацијата, тогаш тоа е Балканот, се разбира, не само поради географијата, туку и поради европската перспектива. Интеграцијата ги води домашните реформи. Следната година ќе отвориме ‘прозорец’. Настаните во Македонија се добар пример за тоа што може да се случи со Балканот ако ЕУ ја затвори вратата. Ние имаме најголемо искуство од чекањето“, изјави Димитров.