Феноменален статус на еден Грк за антимакедонскиот протест на грчките попови е уште доказ дека голем дел од нашите јужни соседи се умерени луѓе и домаќини
“Децата се хранат од канти за смет а вам ви дошло до името на соседите.Не излегоа на протести кога ги намалија пензиите. Не излегоа на протести ниту кога ги скратија платите. Не протестираа и кога пристаништата и аеродромите беа продадени. Не протестираа кога ги продадоа компаниите за електрична енергија, а ни сега кога ги продаваат резервите на вода. Не протестираат ни поради тоа што Грците ги губат своите домови. Не протестираат ни кога империјалистички планови за војна се прават од НАТО и грчката влада. И не протестираат кога деца деца се хранат од кантите со смет…
Но! Кога името Македонија се користи од нашите соседи…тоа е причина за војна!
Протест организиран од фашистичкиот владика од Калаврита во Грција”.
Ова е фејсбук статус на Статис Статопулос грчки граѓанин, левичар, кој очигледно не може да се помири со лицемерното однесување на грчките свештеници, кои не реагираат на огромните економски проблеми на грчкиот народ, на екстремната сиромаштија, на продажбата на националните богатства, на како што вели, децата што се хранат од кантите за отпад, но кога името Македонија се употребува во називот на нашата држава, за нив тоа е доволна причина и за војна.
Како што expres.mk веќе објави свештеници на Грчката православна црква вчера излегоа на протест на кој се бара терминот Македонија да не биде дел од новото име на земјава.
Десетици попови со транспарент на кој пишува „Македонија е грчка“ излегоа на улиците на градот Ајгио, а за време на протестот се слушале камбаните од сите цркви во градот. Очевидци велат дека ова не се случило во историјата на градот.
Протестот го предводел ултранационалистичкиот владика Амвросис, кој е дел од пошироко грчко неформално движење против компромисно име за Македонија, кое што ги засилува своите активности паралелно со интензивирањето на разговорите меѓу двете земји.
За утре пак во Солун е закажан голем протест организиран од политичари и свештеници, на кој ќе се бара забрана за користење на терминот Македонија од наша страна.