Здружението „Обединета македонска организација – Илинден“ се обидува да се регистрира, но засега Македонците се соочуваат со блокада, објави бугарски „Сега“.
Агенцијата за регистрација на 9 август ја одби регистрацијата на „ОМО – Илинден“, претседателот на Здружението Кирил Тилев реагирал, но судијката Милена Каменова, утврдила дека претставката не била правилна, бидејќи не е платена доспеана државна такса од 25 лева такса на сметка на судот.
Доколку не се почитуваат упатствата, постапката по предметот ќе биде прекината, предупредува судијата.
Здружението се обидело да се регистрира на почетокот на годината, но Агенцијата за регистрација не дозволила.
Окружниот суд во Благоевград потоа го потврди одбивањето.
Од решението на судијата Петар Узунов (тој е претседател на судот) се дознава дека здружението одржало основачки состанок во јануари годинава. Но, во неговиот протокол не е наведено на која адреса во Сандански тоа се случило, ниту во кое време.
„Со тоа, отежната е оценката за законски потребното истовремено формирање едногласна валидна волја од потребниот број основачи на здружение по секоја точка од дневниот ред“, напиша судијата, пренесува „Сега“.
Дополнително, судијата констатира дека статутот на „ОМО – Илинден“ е во спротивност со законот: Нема јасност за начинот на претставување на здружението, самодефинирано е како здружение за приватна употреба, целите и средствата за нивно постигнување се упатени до неограничен опсег на правни лица, што го карактеризира повеќе како здружение за јавен интерес, посочуваат од судот.
Последно, но не и најмалку важно – на статутот му недостига одреден предмет на стопанска дејност, бидејќи содржи цели и средства, за чиешто остварување очигледно е потребна дополнителна економска активност, пишува „Сега“
Не постојат јасни правила за појава и престанок на членството во здружението.
Секој од овие прекршувања е доволна независна причина за одбивање да се регистрира здружението, посочува и судијата.
Од 2001 година, Бугарија неколку пати беше осудена од Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради одбивање да ја регистрира македонската организација.
ЕСЧП прифати дека е погрешно властите да ги спречат мирните собири на „ОМО – Илинден“ и „ОМО Илинден-Пирин“ и покрај констатацијата на Уставниот суд дека членовите на организацијата изразуваат сепаратистички идеи и ја загрозуваат националната безбедност, пишува „Сега“.
Судиите во Стразбур сметаа дека загрозувањето на демократијата е хипотетичко, се додека не се применуваат насилни методи. Дури и ризикот од сепаратизам е дозволен доколку партиите што го проповедаат се придржуваат само до принципите на мирна политичка борба, оцени ЕСЧП.