Не може да гледате цени во еден маркет и да велите пораснаа цените, рече министерката за финансии

Замрзнатите цени и маржи ќе дадат ефект, но нема да го решат проблемот со високите цени на долг рок, смета министерката за финансии. Според Гордана Димитриеска-Кочоска, за реално намалување на цените, на Македонија и треба опширна стратегија, почнувајќи од начинот на субвенционирање во земјоделството, поттикнување на поголемо домашно производство, како и зголемена конкуренција на производителите. Таа се повика на податоци од државна статистика, според кои инфлацијата на храната е само 0.3%.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека засега немаат поплаки, но граѓаните можат да се обратат ако нема намалување на цените. Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и вршат контроли, а казните за непочитување на одлуките се од 500 до 10.000 евра.

  • Се создава некоја паника во државата, но таа паника не е поткрепена со тоа што го кажува Државниот завод за статистика. Да, тој вели имаме раздвижување на инфлацијата, но не на основните производи. Вие имате опции каде ќе пазарите. Вие не можете да ги земете цените само во еден маркет и да велите пораснаа цените. Ние треба да гледаме каде пазариме и какво раздвижување имаме. Пред две недели кога земав една табла јајца, продавачката ми вика сите коментираат за цената на јајцата колку оди, кај нас не е мрдната од минатиот Велигден“, рече министерката за финансии.

Од Сојузот на стопански комори сметаат цените не се одговорни само маркетите.

  • Тоа е еден цел ланец, маркетите се само последната карика. Имате увозници и производители кои ја креираат основната цена. Три карики ја формираат основната цена која ќе се најде на рафтот“, вели Трајан Ангелоски од ССК.

Претходно, Комисијата за заштита на конкуренцијата извести дека четири големи ланци маркети меѓусебно нелегално договарале цени. Се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да земаат стока од добавувачи кои ќе достават нови ценовници, поради што е поведена прекршочна постапка.