Илија Несторовски стави точка на голеадата во Копривница, каде што неговиот Славен Белупо го декласира Динамо Загреб со 4:1 во Хрватската фудбалска лига (ХНЛ), продолжувајќи ја мизеријата на првакот по неславниот рекорд 2:9 кај Баерн Минхен во Лигата на шампионите и домашниот пораз од 1:0 во вечното дерби со Хајдук.

Својот прв гол по враќањето во ХНЛ, чиј прв голгетер беше во сезоната 2015/2016, македонскиот напаѓач го постигна во 77. минута со силен и прецизен удар оддесно во шеснаесетникот, а шест минути подоцна беше заменет поради повреда.

Ова е втор погодок сезонава за 34-годишниот стрелец на 10 гола во 52 настапи за Македонија по тој против Кустошија пред десет дена во Купот на Хрватска.

Ексрепрезентативецот Стефан Ристовски го одигра второто полувреме за загрепчани, кои одамна не доживеале три пораза во седум дена, плус во потрага се по нов тренер по отказот за Јакировиќ поради катастрофата на „Алијанц арена“.