Ништо од наводното ветување на премиерот Зоран Заев дека во 2019 година ќе се спроведе попис во Македонија, статистичлка операција која последен пат била изведена во 2002-ра година.
Наместо попис, владата даде упатства до јули 2018 да се изработи „Регистар на население“ од кој што се очекува во иднина дури и да го замени пописот., пренесува А1Он
На средба со претставници на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Њујорк минатата недела и во контекст на одговорот околу потребата од законско уредување на употребата на јазикот што го говорат над 20 отсто од населението (албанскиот), Заев наводно ја споменал 2019-та.
Од влада немаше ни демант ни потврда дека премиерот испратил таков абер од Америка.
Македонија е единствена европска држава која речиси две децении нема спроведено попис, откако пропадна обидот од 2011, со што се отвори простор за шпекулации дека причината е политичка.
Некому не одговара да се знаат точните бројки со кои се врзуваат одредени права на не-македонското население запишани во Охридскиот рамковен договор.
Без пребројување на населението, се отвора простор одредедни политичари да го билдаат бројот на етникумот на кој припаѓаат како да правата на граѓаните произлегуваат од бројките, а не од уставот, законите и меѓународните конвенции за човекови и малцински права.
Одново се покажува дeка пописот е болна тема зашто и никој точно не знае колку жители има Македонија, особено по лицитирањето со бројки за наводно 600.000 иселени во последните десетина години или оние за 500.000 „фантоми“ кои наводно се наоѓаат на избирачкиот список.
Според проценката објавена од Државниот завод за статистика во 2016, во Република Македонија има 2.072.490 жители, што е за педесетина илјади жители повеќе од состојбата во 2002 кога со попис биле констатирани 2,022,547 жители.
Не е многу јасно за каков „маневар“ се работи и дали најавениот Регистар за население е вистинска замена.
Како што е најавено, Централниот електронски регистар на население ќе содржи име, презиме, јазик, ембг, пол, датум на раѓање, место на раѓање, лични документи , мајка (ембг), татко (ембг), адреса на живеалиште, адреса на привремен престој, државјанство, брачен статус, сопруг/а (ембг), националност, датум на смрт, место на смрт … за секој граѓанин на Република Македонија.