Неколкумина заработија кривични пријави за предизвикување пожари

Полицијата знае кој предизвикувал пожари. СВР Битола поднесе пет кривични пријави до Основното јавно обвинителство Битола за предизвикување на пожар за четири физички и едно правно лице. Најстарото лице кое се осомничи дека предизвикал пожар е седумдесетгодишник од Битола за кого од МВР велат дека во атарот на селото Братиндол во битолскиот регион, на 29 јули годинава запалил оган во нива со цел да уништи инсекти, но поради силниот ветер, пожарот се проширил и во соседните ниви по што интервенирала Територијалната противпожарна единица Битола.

  • Поднесена е кривична пријава поради основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво во чл.288 ст.1 од КЗ. Поднесена е кривична пријава против Т.И.(27) од с.Кременица,битолско, заради постоење на основи на сомнение дека тој на 04.09.2024 запалил стрниште во атарот на село Кременица, битолско и со тоа сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ предвидено и казниво во чл.288 ст.1 од КЗ“, велат по МВР.

Кривични пријави добија и Р.Р (58) со привремен престој во Битола кој се сомничи дека запалил плевна на четврти август во селото Црнеец, како и 46-годишник од Битола кој на истиот ден во селото Лопатица на место викано „Белан атар“ запалил скара во близината на неговото лозје и истата ја оставил неизгасена, со што предизвикал пожар. Кривична доби и правно лице од Битолско.

  • Поднесена е кривична пријава против правно лице по чл. 288 ст.5 бидејќи на 03.08.2024 околу 17.55 часот во с. Стрежево,битолско, од искрење на жиците кои биле паднати од бандера во сопственост на пријавеното правно лице, предизвикан е пожар со кој се зафатени сува трева и дрвја“, велат од МВР.

Колку за потсетување, само во текот на летото, низ земјава беснееа рекорден број на пожари кои уништија голема површина на зеленило. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на крајот на јули соопшти дека сите предизвикувачи на пожари ќе бидат жестоко санкционирани.