Средбата на Тоше Проески со внуката на Гоце Делчев, Катерина Трајкова Нурџиева, во меморијалниот комплекс „Илинден“ во Крушево, попознат како „Македониум“, уште еднаш ги разбуди емоциите на почитувачите на нивното дело на завчерашното одбележување 37 години од раѓањето на македонската музичка икона.

Разговорот на двајцата што имаат дадено многу за Македонија покрај спомен обележјето за претседателот на Крушевската република, Никола Карев, содржи вонвременски пораки до македонскиот народ, посебно актуелни денес.

Катерина Трајкова Нурџиева, родена во 1922 година во Горна Џумаја (денешен Благоевград) седум години по преселбата на нејзините родители од Егејска Македонија, е македонски национален деец, борец во Народноослободителната војна, секретар на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, по лична препорака од Павел Шатев, почесен граѓанин на Делчево. Дедото на Катерина е брат на Султана, мајката на Гоце Делчев, кој со таткото на Катерина се први братучеди и соборци во македонското револуционерно движење.