Голден Стејт го победи Сан Антонио по четврти пат во низа и трета година по ред си обезбедува финале и борба за НБА титулата. Вориорси водеа 12 разлика по првата, имаа 22 предност во третата четвртина, па релативно лесно дојдоа до конечните 129-115 што им овозможи чисти 4-0 против Спарси. Тие пак, Ленард, Паркер, Ли, и оставени само на Ману Џинобили, кому навивачите му приредија стоечки овации во последниот меч од последната сезона, не беа ни рамноправен партнер во серијата на екипите со најдобар биланс по регуларниот дел од сезоната.
За тоа колку Каваи му недостасуваше на тимот на Грег Поповиќ најдобро говори податокот што го издвоија секогаш прецизните НБА аналитичари, а тој вели дека од моментот кога бекот се повреди, а тоа беше при 21 разлика за неговиот тим во првата средба, Голден Стејт направи позитива од 106 поени. Но не е само до тоа, секако, бидејќи во вториот дуел од западното конференциско финале во АТ&Т центарот во Сан Антонио, Стеф Кари со 36 поени беше незадржлив, а тоа уште повеќе важи за Кевин Дурент кој даде 29 коша со 76 насто шут и со 12 скока.
Големото финале на НБА лигата нема да започне пред 1 јуни, а до тогаш треба да заврши источната пресметка на Кливленд и Бостон која вечерва при 2-1 за Кавси продолжува на нивни терен.