На таткото на Вања ќе му се суди за грабнување

Основниот кривичен суд Скопје денеска преку соопштение информира дека се одбиени како неосновани приговорите на одбраната на обвинетите за случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и обвинителниот акт се прифаќа во целост.

-Советот за оценка на обвинителен акт со КООА 83/24 против обвинетите: В. М., Б. В. и В. К., обвинети за по две кривични дела убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл. 22 од КЗ и чл. 123 ст. 2 т.1 и т.4 в.в со чл. 22 од КЗ, како и две кривични дела грабнување од чл. 141 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл. 22 и чл. 141 ст. 1 в.в. чл. 22 од КЗ, и обвинетиот А. Ѓ., обвинет за едно кривично дело грабнување чл. 141 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 од КЗ, а поврзано со двојното убиство на малолетната В. Ѓ. и велешанецот П. Ж. во ноември минатата година, стои во соопштението.

По разгледување и ценење на актот, како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост. Врз основа на одобрениот обвинителен акт се формира кривично-правен предмет, кој во согласност со АКМИС-системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, соопшти Кривичниот суд.

Постапката против првоосомничениот за двојното убиство, Љ. П., е сè уште во фаза на обвинителска истрага, додаваат од Кривичниот суд.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.