На повторното отворање на Нотр дам во Париз 50 шефови на држави и влади

Париз, Франција и светот денеска ќе го прослават повторното отворање на катедралата Нотр Дам.

На церемонијатанапладне ќе присуствуваат 50 шефови на држави, меѓу кои Доналд Трамп и Володимир Зеленски, како и над 150 католички бискупи и свештеници од над 100 парохии во Париската епархија.

Иако папата Франциско нема да присуствува, тој го истакна значењето на обновувањето и повторното отворање на Нотр Дам, нарекувајќи го „моќен и пророчки знак од Бога“.

На 15 април 2019 година, разорен пожар ги уништи покривот и иконите на катедралата стара над 860 години.

Таа вечер, пред урнатините на катедралата, францускиот претседател Емануел Макрон даде ветување за кое многумина мислеа дека е невозможно: „Ќе ја обновиме Нотр Дам. Затоа што тоа го очекуваат Французите и затоа што тоа е она што го заслужува нашата историја“.

Нотр Дам е обновен со користење на традиционални материјали заедно со нови мерки за заштита од пожари за да се осигура дека светски познатиот француски споменик ќе трае најмалку уште 860 години.

Околу 2.000 занаетчии замениле 1.300 кубни метри камен, издлабиле 1.500 дабови клупи, ги исчистиле и штимале стотиците цевки на оргулите.

Проектот за реставрација чинеше 737 милиони долари и беше поддржан од 340.000 донатори од 150 земји.