Подзaборавениот предлог Нова Македонија за ново име на северниот сосед на Грција воскресна во коментар на грчкиот портал „Атенс војс“.
„На маса е името Нова Македонија (она што беше отфрлено во 1992 година, а содржано во пакетот ‘Пињеиро’ …), а идејата е да се реши прашањето за името заедно со обврска за промена на Уставот на ‘Скопје’ заради откажување од територијални претензии и од измисленото присвојување на нашата историја. Гест на добра волја од страна на Скопје би било преименувањето на аеродромот ‘Александар Велики’. Тоа би можело да биде почеток на патот за компромис“, пишува во авторскиот коментар насловен „Враќањето на Скопјаните“ и објавен на порталот со повеќе од еден милион поединечни посети месечно.
Жоао Пињеиро како министер за внатрешни работи на Португалија за време на нејзиното претседавање со Европска унија во април 1992 година го предложи името „Нова Македонија“, кое неговиот тогашен грчки колега Андонис Самарас го одби, барајќи името на соседот да не го содржи терминот Македонија, ниту изведени зборови од него.