На Македонија ѝ требаат светската мултиполарна прва лига и геополитичкото сојузништво со САД, а не второлигашката ЕУ!

Пишува: Свето Тоевски

Францускиот претседател Емануел Макрон, „авторот“ на злогласниот „француски предлог“ за „евроинтегрирањето“ на Македонија, во радиотелевизиското обраќање на 5.3.2025 година во врска со Украина и „европската одбрана“ ги повика Французите „да се освестат, поради сериозноста на ситуацијата“. Макрон ја побара „посветеноста на Французите кон татковината“ и ја повика нивната „сила на душата“, за да ги „надминат тешкотиите што претстојат“. Ќе ги „преведеме“ зборовите на шефот на француската држава „на македонски јазик“: повикот на Макрон кон Французите треба да се „пренасочи кон Балканот“ и да се сфати како повик кон Македонците, дека е потребна и „посветеност на Македонците кон татковината Македонија“, оти ќе мора и македонскиот народ со силата на својата македонска душа да ги надмине тешкотиите, што претстојат.

Норвешкиот народ двапати на референдум отфрлил членство на Норвешка во ЕУ, нивниот премиер и сега одбива членство на оваа држава во ЕУ

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе ја отфрли расправата за членство на неговата земја во ЕУ. Во интервјуто за американската новинска агенција „Блумберг“ во Осло на 28.2.2025 година Сторе беше категоричен дека „Норвешка треба да го избегне повторното разгледување на можното членство во Европската унија во време на растечки геополитички тензии, поради опасноста да се предизвика поголема поделба во општеството“. „Тоа е прашање, кое многу поделува, поларизира. Во овие времиња не би требало да бараме поларизација, туку единство.“ – нагласи норвешкиот премиер. „Блумберг“ дополни: Граѓаните на Норвешка рекоа „не“ за полноправното членство во ЕУ на референдумите во 1972 и 1994 година. Во последната анкета, спроведена од „Opinion“ во февруари 2025 година 53 отсто од испитаниците се против приклучувањето, во споредба со 47 отсто во истражувањето на анкетарот „Sentio“ минатиот ноември. Тоа е најниско рамниште од 2009 година.

Дали прашањето за влез во ЕУ многу поделува и многу поларизира и во Македонија?! Во овие вителни балканско-европски времиња на растечка геополитичка напнатост и тензии дали би требало да се избегне, или барем да се одложи за некои подобри времиња можното членство и на Република Македонија во ЕУ?! Поради опасноста да се предизвикаат уште поголеми поделби и поларизација и во македонската држава, меѓу Македонците и  Албанците, меѓу Македонците како народ?! Македонија не е Норвешка, нема „енергетско-финансиски мускули“ како неа, но Македонија и Македонците имаат единствена способност секогаш да ги „погодуваат“ ветриштата на клучните политички настани и да се наредуваат на вистинската страна на историјата, која донесува напредок и позитивни промени за светот и човештвото.

Македонците секогаш ја одбираат вистинската страна на историјата: уште во 2018 година ѝ рекоа „не“ на ЕУ, која веќе е седната на „резервната геополитичка клупа“…

Македонците се построија на вистинската страна на историја уште на 30 септември 2018 година кога пропадна референдумот, на кој требаше граѓаните да се изјаснат дали се за интеграција во НАТО и во ЕУ со прифаќање на Преспанскиот договор: излезноста од само 37 проценти беше директно македонско „не“ и за зачленувањето во ЕУ. Но познато е што се случи натаму со насилното газење на ваквата политичка волја на македонскиот народ и со уште понасилното противуставно и противзаконско изгласување на Преспанскиот договор, ништовен и спротивен и на меѓународното право. Македонците и денес во оваа 2025 година пак се на правилната страна на историјата, која ја фрла оваа Европска унија на „резервната клупа“, додека на теренот играат големите светски геополитички играчи. ЕУ не само што е во директен судир со Америка на Доналд Трамп, туку е и со Кина, а посебно со Русија….

Елена Гунчева-Гривова: „Дали разбирате сега дека со нас управуваат лудаци?!“

Има многу причини зошто умните и богати Норвежани не ја сакаат ваквата осилена Европска унија, „скарана“ со сопствените темелни европски принципи и вредности, „скарана“ и со Трамповата ера на новиот светски поредок, кој се раѓа, но и отуѓена од европските народи и нивните вистински политички и економски интереси и барања. Имаат Македонците уште повеќе причини, но и не само тие, туку и сите други македонски граѓани, да си го постават прашањето; зошто би ни било и натаму потребно зачленување во една ваква аморфна, безлична и геополитички безначајна структура, во што се претвори оваа ЕУ? Голем дел од одговорот на ова прашање е содржан во жестоката колумна со укажувачки наслов „Дали разбирате сега дека со нас управуваат лудаци?!“, која ја објави бугарската адвокатка Елена Гунчева-Гривова, поранешна пратеничка во 47-то Собрание на Бугарија, на 22 февруари 2025 година на бугарскиот информативен портал „Факти“.

„Во заднината на сè повеќе осиромашеното и избезумено европско население, топ-идиотите од ЕУ сакаат да даваат стотици милијарди евра годишно за да се заштитат… од Русија. За да има заедничка европска армија! Лудост е ставањето на иднината на милиони европејци во рацете на на Урсула Лаен, Аналена Бербок, Марта Кос. Можат многу лесно и Макрон и Шолц да преминат во нивната категорија, бидејќи и тие не знаат какви глупости трескаат. Сега помислете како сиромашна Бугарија, каде што пензионерите, па дури и работниците паѓаат во беда, треба да учествува во ова лудило. Наместо пари за пензии и детски додаток – пари за армијата на петтемина, кои ја водат ЕУ! Ајде сиктер!“ – нагласува Гунчева-Гривова во таа колумна.

Дволичната и непринципиелна ЕУ ги прегази сите свои темелни вредности и принципи во случајот со Македонија, а особено Копенхагенските принципи

Анализирано од гледна точка на Македонија, дали е сега веќе попотребна трпеливост да се ви­ди ка­ко ќе се дви­жат натаму ра­бо­ти­те, а во меѓувреме да им по­све­ти­ме долж­но вни­ма­ние на вна­треш­ни­те ре­форм­ски про­це­си, кои треба самите да си ги наложуваме и да си ги спроведуваме, во сопствена корист, без да чекаме ЕУ да ни кажува што да правиме? Поради дволичноста и непринципиелноста, поради кршењето на сопствените Копенхагенски принципи за влез во ЕУ, повеќе нема да биде добро влегување на Македонија во оваа ЕУ. Ние не би требало повеќе да прифаќаме влез на Македонија во оваа и ваква ЕУ, дури и кога Македонија би била ставена на некаква „геополитичка бр­за лен­та“, за­ра­ди не­ка­кви по­ли­тич­ки мо­ти­ви на европ­ски­те ели­ти. Таков те­рен се под­го­тву­ва за Укра­и­на, а по авто­ма­ти­зам можеби и за државите од Балканот, вклу­чу­вај­ќи ја и Ма­ке­до­ни­ја.

Не смее да се заборави дека лицемерната и непринципиелна Европска унија презема семожни активности да ја внесе во своите редови Украина, во која беснее смртоносна војна, а од друга страна ѝ дава веќе дваесет години „црвени евроинтеграциски картони“ на Македонија, бидејќи имала „нерешени спорови со соседите“! ЕУ не сака да ги внесува овие „спорови“, ниту Македонија, а сака да ја прима Украина, која е во воен судир со Русија. Ем Украина има реални спорови со Романија и Унгарија околу третманот на романското и унгарското малцинство на својата територија, а со Полска и територијални спорови. Но не е целта на оваа анализа никакво суштинско завлегување во внатрешната ситуација во Украина, туку во Европската унија од гледна точка на Македонија.

 Геополитичко сојузништво и стратегиско партнерство со Трамп и САД, а само економско-политичко партнерство со ЕУ

ЕУ ги прегази сите свои европски вредности и принципи, врз кои беше втемелена како заедница на држави и народи. Ваквата политичка Европа и Европска унија ја из­гу­би сета својата доверливост. Македонија се претвори во „гробишта на европските идеали и вредности. Зошто? Поради тоа што ЕУ целосно излезе од рамките и на рам­ки­те на ме­ѓу­на­род­но­то пра­во, не само на своите европски резолуции, застанувајќи на страната на Бугарија и Грција, са­мо за­тоа што се „член­ки на се­мејс­тво­то“. ЕУ не застана на стра­на­та на право­то и прав­ди­на­та. Ова се потврди особено со бруталното газење на меѓународното право во случајот со „добрососедските договори“ со Гр­ци­ја и Бу­га­ри­ја. ЕУ уште сега бара Македонија да го смени пак својот устав, за да ѝ ги отвори портите на почеток на преговори.  

Македонија не беше примана во ЕУ според принципот на заслуги во изминативе две децении, наспроти се што правеше. Ма­ке­до­ни­ја одам­на зас­лу­жи да би­де во ЕУ, но не во ва­ква Уни­ја ка­ква што е се­га. Затоа на македонската држава сега ѝ е потребна темелно преиспитана и променета позиција и државна политика во однос на ЕУ: слично како и Норвешка, да биде блиску до ЕУ, но не и во неа! На Македонија ѝ е потребно само економско-политичко партнерство со ЕУ, во очекување додека Орбан, Фицо и другите лидери на новата суверенистичка Европа ја изградат новата „Европска унија на суверени нации“. Само во „Европската унија на суверени нации“ им е местото на Македонија и на сите нејзини граѓани.

Потребна е веќе економско-политичката мултиинтеграција во мултиполарниот свет, а не фантомската „евроинтеграција“ во второлигашката Европска унија

Авторот на овие редови е категоричен: на Македонија ѝ е веќе местото во светската мултиполарна прва лига, а не во второлигашката Европска Унија! На Македонија сега ѝ е најпотребна прволигашката мултиинтеграција, наместо второлигашката  евроинтеграција! Што значи ова, конкретно?! На Македонија ѝ се потребни соработката со американските компании, геополитичкото сојузништво и стратегиско партнерство со Трамп, со неговата републиканска администрација и неговата Америка. На а Македонија ѝ се потребни стратегиско партнерство, политичка и економска соработка со Орбан и Унгарија – лидерот на новата политичка Европа и на идната реформирана Европска унија на суверени нации.

На Македонија ѝ е потребно стратегиско партнерство, политичка и економска соработка со Ердоган и Турција, како и со Кина и вклученост во кинескиот „Пат на свилата“, со сиот мултиполарен свет, со азиската политичка групација на држави АСЕАН, со Арапската лига, со БРИКС, со асоцијациите на африканските држави, како алтернативи за постојнава ЕУ. Значи, мултиполарна политичка и економска интеграција и соработка со светот, напредок, наместо „тапкање“ во место и поднесување удари, понижувања и уцени од ЕУ. ЕУ станува безначаен и геополитички банкротиран меѓународен чинител.  

(Авторот изнесува во оваа анализа ставови од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ставови на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка политика и ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)