Една недела пред конгресот ВМРО-ДПМНЕ се соочува со расцеп

На само една недела пред конгресот закажан за 22 и 23 декември на најголемата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ и се заканува расцеп.

Како што брифираат доброупатени партиски извори причините за конфликт меѓу неколку внатрепартиски групи е фаворизирањето на генералниот секретар Христијан Мицковски како кандидат за претседател во пресрет на конгресот што ќе се одржи за една недела во Валандово.

Главниот конфликт во моментов се води меѓу приврзаниците на Христијан Мицковски и сите други кандидати, кои што бараат тој да не ги злоупотребува партиските механизми, пред сè, Републичкиот изборен штаб (РИШ), од каде што се бара поддршка за него од општинските и од месните комитети.

Групите што ги поддржуваат останатите потенцијални кандидати за претседател Антонио Милошоски, Илија Димовски и Никола Поповски инсистираат партиските механизми кои вообичаено се користат за борба против СДСМ целосно да се стават во мирување се до изборот на новиот претседател.

Според партиските информации во тек е сериозен притисок врз луѓе кои што одбиваат да дадат поддршка за генералниот секретар што е спротивно на сите демократски правила и традиција на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во неофицијалните информации од партијата.

Индиректно за овие прашања во своето писмо до неизбраниот лидер зборува и ексвицепремиерот Владимир Пешевски, кој денеска се обрати јавно со предупредување до сè уште неизбраниот лидер.

Дел од партиските активисти инволвирани во процесот бараат веднаш да се запре со фаворизирање на еден кандидат за лидер и да се состави платформа врз основа на која што ќе се одржи изборот. Во платформата треба да стои дека никој нема да врши притисок врз делегатите и дека сите ќе го прифатат идниот лидер за да се сочува единството на партијата.

Според нив, платформата треба да содржи прецизни насоки за кои треба да се согласат сите кандидати во врска со реформите на партијата и целите на краток среден и долг период. Демократизација на партиското делување и демократизација на Македонија, покрај забрзан од кон ЕУ и НАТО треба да бидат основите врз кои партијата треба да ја гради својата иднина.

ИСтовремено во интерес на единството на партијата од екс лидерот Груевски се бара ниту јавно ниту тајно да не лобира за ниту еден од кандидатите и за време на конгресот да не ги повторува потезите на Бранко Црвенковски кој покрај лобирањето за своите кандидати на два конгреса на СДСМ (во 2005 и 2007) пред делегатите излезе заедно со кандидатите кои подоцна победија (БУчковски и Шекеринска).

Според информациите на Експрес.мк доколку во најскоро време не се промени состојбата и Мицковски и неговите поддржувачи не ги прифатат барањата за платформата, можно е ниту еден од останатите кандидати освен Мицковски да не се пријави за кандидат по што конгресот ќе нема избор, што ќе се смета за голем удар врз демократските капацитети на ВМРО – ДПМНЕ.

Дококу се спроведе ова сценарио се поизвесни се најавите за кои што било зборувано и на дел од партиските состаноци, дека дел од незадоволните може да се организираат и да започнат со иницијатива за нов политички субјект односно за поделба на партијата каква што се случи во 1994 година кога се раздружија тогашниот лидер Љубчо Георгиевски и Никола Груевски.