Прашањето за името нема да биде дискутирано на денешниот состанок во Атина меѓу министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕиас и Никола Димитров. Ова за грчката агенција АНА – МПА го изјавил Коѕиас на помалку од 24 часа пред средбата со Димитров кој својата доктрина за името ја изложи во интервју за грчката телевизија Скај десетина часа пред средбата во Атина..
„Не мислам дека ќе разговараме за именувањето затоа што е прва средба за запознавање, можеме да разговараме за методите врз основа на кои ќе продолжи нашата дискусија за односите меѓу двете земји“, изјавил вчера Коѕиас по средбата со неговиот црногорски колега Небојша Калуџеровиќ.
Коѕиас најавува дека на средбата со Димитров ќе се фокусира на размена на ставови за развојот на односите меѓу двете земји во последниот период и како тие можат да тргнат напред. Тој вели дека има нови теми и предлози кои што ќе бидат формулирани во контекст на постоечкиот систем мерки за градење доверба меѓу двете земји.
„Ќе покажеме и ќе реафирмираме уште еднаш дека за Грција најважна е стабилноста и безбедноста на регионот и на таа земја (Македонија)“, изјавил Коѕиас кој што е убеден дека неговиот партнер е искусен дипломат кој што бил дел од преговорите за името со предходната влада и ќе успее да „гради во рамки на можностите во кои се бара решение“.
Коѕиас уште еднаш ги повтори грчките ставови дека Македонија како и сите други земји во регионот мора да демонстрира способност да прифати култура на компромис и согласност.
Од она што го почувствувал од разговорите со премиерот Заев и министерот Димитров со кои имал телефонски контакти како и од информациите за разговорот Ципрас – Заев, Коѕиас вели дека „ има добра волја, намера да се заврши со иредентизмот. Тој вели дека нема да има посреќен човек од него ако се надје решение за приказната за името која се претворила во „историја на училиште в затвор“.
Слични ставови како и Коѕиас пред средбата изложи и Александрос Маљас некогашен амбасадор во Скопје и Њујорк кој решението го гледа во познатите грчки ставови за името.