Скарата е идеална за летниот период, за неделен ручек со семејството, пријателите, може да ја подготвите во природа, во двор, па и на тераса само да се има желба за дружење со вкусна скара.
Еве ви неколку совети како да подготвите одлична скара.
Месото за скара не смее да биде директно извадено од фрижидер затоа што внатре ќе остане студено. Најдобро е да биде на собна температура. Пред печењето, месото мора да биде суво, а добро е и малку да се премачка со масло. Месото се посолува и се зачинува дури кога е веќе печено затоа што солта повлекува вода, така што ако претходно го посолите, при печењето целиот сок ќе се исцеди, месото ќе биде суво, а запечениот црн пипер ќе му даде непријатен мирис. Исклучок се ќебапчињата, пилешкото и раженчињата.

Одрезоците кои се печат на скара треба со остар нож да се израмнат затоа што секоја нерамнина веднаш ќе загори. Отстранете ги и мрсните делови затоа што при печењето може да се појави т.н. мрсен пламен од кој месото ќе поцрни и ќе стане невкусно.

Скарата треба да биде добро загреана и намастена за да може брзо да се испече површината на месото, а хранливите, сочни и ароматични состојки да останат внатре.

Белите и светли меса (телешко, пилешко, риба) по природа се суви и треба да се печат на умерен оган, при што повеќепати треба да се премачкаат со масло или маслац. Не заборавајте: кромидот е задолжителен придружник на скарата, а може да му се придружат и лути пиперки.

И на крај како додаток на скарата сезонска салата.