Начевски и Николов ќе го судат финалето од машката ракометна Лига на шампионите!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги именува македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов да го водат финалето на машката Лига на шампионите на 9 јуни во „арената „Ланксес“ во Келн.

„Финалето ќе го суди македонскиот двоец Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои водеа многу натпревари на високо ниво во текот на нивните години судење – вклучително и полуфиналето на последните две Европски првенства за мажи. Последен пат тие ја делеа ракометната правда на завршниот турнир од ЛШ во сезоната 2018/19, кога судеа во полуфиналето“, се вели во информацијата на вебстраницата на европската куќа на ракометот.

Финалето ќе се одигра на 9 јуни од 18 часот и во него ќе се сретнат победниците од полуфиналните дуели Магдебург – Олборг и Барселона – Кил закажани за ден порано.