Натурализиран Македонец од Србија ќе води државен македонски бизнис вреден 250 милиони евра

Српскиот државјанин  Александар Обрадовиќ ќе биде нов директор на државната енергетска компанија ЕЛЕМ, објави телевизијата Алсат М според која одлуката сè уште не е официјализирана на владина седница.

Од Владата ниту потврдуваат, ниту демантираат, само велат дека е рано да се донесе одлука кој ќе биде наследник на Христијан Мицкоски. Планот за негово именување бил донесен предходно затоа што МВР веќе донело одлука да му дозволи да добие македонско државјавство, и сега се чека само одлука на владата.

Кој е Александар Обрадовиќ и во какви афери е заплеткан?

Во периодот од 2012 до 2016 година бил директор на српското електростопанство „Електропривреда Србије“. Сменет е од позицијата по низата афери кои го следат неговото работење во оваа компанија. Како најголем грев му се препишува купувањето на два луксузни автомобили „Ауди“, со што не ги почитувал мерките за штедење на српската Влада. По овој скандал тогашниот премиер Александар Вучиќ одлучува да го смени од раководната позиција во ЕПС.

Српските медиуми пишуваат дека за време на директорувањето на Обрадовиќ во државната компанија парите наместо на развој и инвестиции, се трошеле за зголемување на плати. Меѓу другите афери присутни во српските медиуми, се дека доделувал тендери на компании во кои претходно работел, ненаменски трошел средства, во компанијата ангажирал ТВ ѕвезди итн. Обрадовиќ е и истакнат член на Српската напредна странка на шефот на државата, Александар Вучиќ.

ЕЛЕМ е најголемата државна компанија во Македонија,чии годишни приходи надминуваат 250 милиони евра. Вработува околу 4.500 лица, а учествува со 98 отсто од домашното производство на струја во Македонија, пишува Алсат – М.