НАТО половично ги демантираше тврдењата на Русија за Македонија

Северно атланската алијанса денеска ги демантираше тврдењата на рускиот државен медиумски проект Спутник дека во јули генералниот секретар Јенс Столтенберг ќе пристигне во Скопје за да се договори со новата влада како ќе тече приемот во НАТО.

Според Спутник Македонија треба да влезе во НАТО до пролетта идната година но пред тоа треба да го реши спорот со Грција.

Поради зачестените шпекулации за  брзо членство на Република Македонија во НАТО, денеска од Северноатлантската алијанса излегоа со став дека вратата за македонската држава останува отворена, но според заклучокот од Самитот во Букурешт во 2008 година, што значи прво решение на проблемот што НАТО-членката Грција го има со Македонија, па дури потоа покана за членство.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, официјален претставник на Алијансата негираше можност генералниот секретар Јенс Столтенберг наскоро да пристигне во Македонија, но потврди дека в понеделник доаѓа македонскиот премиер Зоран Заев во посета на седиштето на НАТО во Брисел.

– Генералниот секретар Јенс Столтенберг нема итни планови за посета на БЈР Македонија, но тој се радува на посетата на премиерот Зоран Заев на Брисел во понеделник на 12 јуни. Ние ќе ги поддржиме напорите за решавање на итно потребните реформи, вклучително и за доброто владеење и владеење на правото. Реформите ќе ја направат земјата посилна и подемократска. Нашата врата останува отворена и нашата одлука од Самитот во Букурешт стои, а беше повторена и на Самитот во Варшава во јули 2016 година, вели високиот официјален претставник на Алијансата за МИА, инсистирајќи на анонимност.

Овој став од најголемата воено-политичка организација на светот директно става дилеми за најавата на премиерот Заев дека влезот во НАТО е можен со привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“.

Ова сценарио беше неуспешно и во 2008 година, на Самитот во Букурешт пред девет години, каде алијансата ни порача дека поканата за полнопранво членство до нашата држава ќе биде испратена „откако ќе се надминат разликите за името со Грција“.