И онака одличната атмосфера во составот на Вардар по пристигнувањето во Келн каде утре не очекува полуфинале во Лигата на шампионите против Барселона, дополнително ја подигна веста од ЕХФ за изборот на најдобрите за сезоната 2016.2017. година. Во него, нашиот првак партиципира со двајца, со тренерот Раул Гонзалез и со десниот бек Алекс Душебаев кој на таа листа е поставен токму пред нашиот репрезентативец од Барса, Кире Лазаров.

Во тимот на сезоната во ЛШ доминираат играчи на ПСЖ кој ги има двајцата преостанати на бековските позиции, централно Никола Карабатиќ и лево Микел Хансен и еден од крилата Уве Генсхејмер. Барселона е втора по застапеност со двајца Виктор Томас на крило и голманот Гонзало Перез Де Варгас, а последниот член на идеалните седум според ЕХФ е Лудовик Фабрегас од Монпеље.