Муцунски: Западен Балкан е подготвен за напредок, но не како периферија, туку како суштински дел на сегашноста и иднината на Европа

„Интеграцијата во Европската Унија е стратегиска цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка е клучен приоритет на македонската надворешна политика.“ – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски во своето обраќање денес на панел-дискусијата „Регионална одговорност за просперитетна иднина на Балканот“ во рамки на четвртото издание на Анталија дипломатскиот форум, кој се одржува во Анталија, Република Турција.

Во своето обраќање, министерот Муцунски порача дека Западен Балкан не е проблем, со кој треба да се справува, туку оти е регион подготвен за напредок, но не како периферија, туку како суштински дел на сегашноста и иднината на Европа. Тој ги нагласи потребата за јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст шефот на македонската дипломатија се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и и на силата на солидарноста.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски посебно го истакна значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и претставувањето на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст. Само со ваков пристап, рече тој, можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија, заснована врз иновации и знаење.

Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер, кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.