„Владата има добра основа кога вели дека логиката на уставните измени треба да е слична со онаа, што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името: дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман, што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија.“ – рече во интервју за „360 степени“ на Првата програма на Македонската радио и телевизија министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој откри дека на средбите, кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени, односно за внесување на Бугарите со одложено дејство.
„Беше разговарано за предлогот на нашата влада за донесување на уставните измени со одложено дејство. Нема голема надеж кај институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, но не се отфрла во целина. Има одреден оптимизам, кој ние ќе треба да го конкретизираме. Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа, што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името: дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман, што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија.“ – нагласи Муртезани.
Запрашан како треба да се разбере тогаш пораката на Шарл Мишел, објавена на општествените мрежи по средбата со Мицкоски, дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, Муртезани одговори дека Мишел се повикал на одлуките на Советот, кои се веќе донесени.
„Добиваме од другата сигнал за посветеноста процесот да оди напред. Сите овие спорни прашања беа предмет и на предизборната трка и ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници токму настојувајќи дека ќе се отстранат одредени последици, односно штети направени од претходната влада. Затоа ние, како коалиција ‘Вреди’, сметаме дека таа поддршка, изразена во бројката од 58 пратеници, е одредена порака од нашите сограѓани-Македонци дека мора да му се пристапи многу внимателно на процесот, за да да се отстранат сите прашалници дека ние, како земја, постојано сме отстапувале нешто и оти можеби би се соочиле уште еднаш со блокада во иднина.“ – истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани.