Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера најави дека на 18 ноември во Приштина ќе се одржи билатерална средба меѓу владите на Македонија и Косово.
Муртезани во интервју за „Лајм“ потенцира дека важноста на оваа посета е зајакнување на соработката и стабилноста во регионот.
„На 18 ноември, Владата на Република * Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе ја посети Приштина, на билатерална средба. Оваа посета е доказ за јасната ориентација на Владата кон регионалната соработка и зајакнувањето на односите со Косово, отфрлајќи ги обвинувањата и клеветите на албанската опозиција дека новата влада е ориентирана кон Србија.
Со ова, паѓаат во вода сите оние обвинувања од опозицијата, особено на албанската, кои се обидуваат да го прикријат стравот од прифаќање на фактот дека се во опозиција продавајќи магла дека *Македонија е ориентирана кон Србија. рече Муртезани“, соопштија од политичката партија Алтернатива која е дел од коалицијата ВРЕДИ.