Националниот телевизиски сервис каде сеуште директори и уредници се луѓе именувани времето на предходната влада од вчера започна со емитување на првиот дел од филмот „Трето полувреме“.

Дел од корисниците на социјалните мрежи вчеравечер објавија дека филмот е прекинат по интервенција на владата, но според програмата на МРТВ тој се емитува во неколку продолженија.

Филмот се емитува за време на посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов кој со својот домаќин премиерот Зоран Заев треба да го потпише договорот за добрососедство според кој владата во иднина ќе треба да презема мерки и кај национални институции и кај приватни лица со цел спречување на говорот на омраза и непријателство кон Бугарија.

Според официјалните бугарски ставови филмот  „Трето полувреме“  кој беше финансиран од предходната влада погрешно  ги интерпретира настаните од фашистичката окупација на Македонија која во втората светска војна владеела со Македонија и извршила низа злосторства врз цивилно население меѓу кои и погром на македонските Евреи.

Според договорот филмот ќе мора да биде одстранет од програмите на јавните и приватните телевизии затоа што во него се искривува историјата, и се промовира говор на омраза кон соседите, тврдат бугарските власти. Според Бугарија виновник за депортацијата на македонските Евреи кои бугарските фашистички власти ги однесоа во Треблинка е Хитлер а не владата во Софија.

Според едни извори во МРТВ емитувањето на „Трето полувреме“ кое е одлично прифатено од јавноста и забележува висок рејтинг на секое негово емитување е последна шанса да се види ова ремек дело на македонската кинематографија. Според нив по потпишувањето на договорот со Бугарија филмот ќе мора да биде забранет односно да оди „во бункер“.

Според други извори во националниот ТВ сервис емитувањето на филмот од страна на директорите и уредниците во МРТВ е свесна и директна провокација упатена кон Бојко Борисов и обид да се стави премиерот Заев во нелагодна позиција затоа што бугарската јавност смета дека премиерот има моќ да се спречи неговото емитување на државната телевизија.

Филмот на режисерот Дарко Митревски е еден од најгледаните македонски филмски проекти и зборува за љубовта меѓу Македонец и Еврејка за време на бугарската фашистичка окупација на Македонија во втората светска војна.

Пред повеќе од еден месец Expres.mk цитирајќи бугарски и македонски извори објави дека овој филм може да биде првата жртва на договорот за пријателство со Бугарија.

Предходно бугарските власти упатија официјален протест за финансирање на филмот од страна на македонските власти а со закани до регионалните филмски дистрибутери успеаа да спречат негово емитување на најгледаните балкански телевизии и кабловски мрежи.