Државниот завод за статистика за декември пресмета 4,4% инфлација во однос на истиот месец во 2023 и повисоки цени на мало за 4,3%. Скок на цените на производите и раст на трошоците на живот повлекуваат и раст на инфлацијата. Трошоците на живот кај храната и безалкохолните пијалаците се зголемени за 2,9% на годишно ниво додека на месечно се намалени за минимални 0,3% во однос на ноември минатата година.
Статистика пресмета дека лани најголемо поскапување има кај минералната вода, соковите и безалкохолните пијалаци од 15,8%, потоа зеленчукот кој сега се продава поскапо за 12,7% споредено со истиот период во 2023 година, маслото и мастите кои поскапеле за 11,7%, кафе, чај и какао кои сега се поскапи за 11,5%, а млекото, сирењето и јајцата се продаваат со 7,5% повисоки цени од 2023 година.
![](https://www.expres.mk/wp-content/uploads/2025/01/20180225104540.jpg)
Во меѓу време, дали и каков ефект ќе има т.н. „новогодишна кошничка“ која завршува на 15 јануари ќе се знае до крајот на идната недела.
Синдикалната кошница е патоказ на креаторите на политиките велат од Сојузот на синдикати на Македонија и додаваат дека се покажало на дело дека трговците придонеле на дополнително осиромашување на граѓаните и работниците и дека тези за раст на инфлација поради раст на платите паѓаат во вода.
Последните податоци на статистика покажуваат дека има раст на цените и во угостителството и тоа од 5,6 проценти споредено со 2023 година и 6,1 процент за месецот декември спореден со декември 2023 година. Најголем скок на цените има кај салатите од 8 проценти и варивата од речиси 11 проценти.