За високата претставничка на Европската Унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини клучен предуслов за спроведување на реформите, имплементација на договорот од Пржино, решавање на билатералните прашања и интеретничките односи е соработката меѓу Заев и Груевски како лидер на опозицијата.
Во соопштението од нејзиниот кабинет по средбата со Заев се вели дека Могерини му честитала на Заев за формирањето на новата влада и му порачала дека од исклучителна важност за земјата е да се дојде до единство и помирување со што ќе се надминат политичките и меѓуетничките поделби.
„Конструктива и инклузивна соработка меѓу владата и опозицијата ќе биде клучен фактор за имплементацијата на Договорот од Пржино, итните реформски приоритети, решавање на билатералните прашања и подобри меѓуетнички релации“, вели Могерини во изјавата на ЕК.
По средбата со Могерини Заев се сретна со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој му порача дека без решение на спорот со Грција и без консензус од сите земји членки Македонија не може да започне преговори со ЕУ.