СДСМ очекува ВМРО – ДПМНЕ да го поддржи СЈО кое што гони десетици нивни функционери

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев најави дека наредната недела неговата партија ќе предложи закони со кои ќе продолжи работата на Специјалното Јавно Обвинителство за кое очекува поддршка од ВМРО – ДПМНЕ без чие гласање не може да поминат.

Одговарајќи на новинарско прашање Тунтев изјави дека парламентарното мнозинство ги известило координаторите на партиите дека е потребно да се постигне политички договор за Законите за СЈО.

„Ние уште минатата година како опозиција ги предложивме Законот за заштитени сведоци и Законот за продолжување на рокот за обвиненија на СЈО, но тие беа одбиени од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се истите закони со кои треба да се овозможи непречено функционирање на оваа обвинителство и затоа сметам дека треба да дадат поддршка сите политички чинители. Впрочем, овие закони се дел од Пржинскиот договор, како и дел од реформските приоритети на Прибе“, изјави Тунтев.

Очекувањата ВМРО – ДПМНЕ да ги поддржи законите се рамни на нула откако СЈО поведе истраги и обвиненија против десетици членови на партијата а ниту една против функционери на СДСМ. Опозицијата смета дека СЈО е партиска маша на раководството на СДСМ.