Тимот на Шпанија кој е првиот противник на Македонија на Европското првенство во фудбал за играчи до 21 година вреди фантастични 280 милиони евра.
Според анализата на специјализираниот портал Transfermarkt 23 играчи на младата репрезентација вредат 7 пати повеќе не од младиот македонски тим туку од целата македонска прва лига која што е проценета на 39,1 милиони евра.
За споредба шпанската „примера дивизион“ вреди над 3,7 милијарди евра.
Највреден играч на фудбалскиот пазар во тимот на Шпанија до 21 година е играчот на Атлетико Мадрид Саул Њигез кој чини 40 милионни евра.
По него се Ињаки Вилијамс од Атлетик Билбао и Марко Асенсио од Реал Мадрид кои чинат 25, односно 20 милиони евра.
Капитенот Жерар Делуфеу вреди 12 милиони евра а играчот на Севиља Диего Гонзалес со вредност од 1 милион евра најлошо котира на фудбалскиот пазар.
Македонските репрезентативци кои во квалификациите ја елиминираа франција која што чини околу 130 милиони евра, утре немаат што да загубат.
Пласманот на финалниот турнир на најдобрите 12 репрезентации во Европа е историски успех за македонскиот фудбал но и шанса некој од големите светски клубови да го препознае талентот на младите фудбалери.