Младеновски: За Македонците името Македонија и идентитетот се свети, но и должноста да го раскинеме Договорот од Нивици!

За нас, Македонците, и името и идентитетот се светост! Токму поради ова, раскинувањето на обезименувачката Спогодба од Нивици, со која нашиот идентитет доживеа невидена ерозија – е света должност на секој Македонец и Македонка! – нагласува новинарот Менде Младеновски во својата колумна со наслов „Жал ми е, Брисел, шест години бевме трпеливи со Грција“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Младеновски пишува: По заклетвата на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, за која гласаа над 500 илјади граѓани), која притоа не го изусти зборот Северна, експресно реагираа некои сегашни македонски политичари и политички мртовци. По автоматизам и некои странци Уште не се исуши мастилото на потпишаната заклетва, изигрувајќи поголеми Грци од Грците, тие побрзаа да ја обвинат и а ја осудат Давкова дека со таквиот чин го прекршила Уставот на државата и ја вратила назад Македонија во изолација.

Тие сегашни македонски политичари и политички мртовци забораваат дека Македонија речиси подолго од 30 години, не по своја вина, е во изолација, поради ирационалните барања и условувања на Грција претходно, а и сега се труди да го направи тоа Бугарија. Поразително е што овие политичари, кои се одамна веќе политички мртви и кои ефтино ги продадоа државните и националните интереси, сега глумат загрижени граѓани за судбината на Македонија, заборавајќи дека токму тие се откажаа од сѐ што е македонско!

Тоа што фрустрира е што истите тие политичари до заклетвата на Давкова ниту еднаш не го кренале својот глас и барем на приватните средби со своите колеги да ги запрашаат: зошто Грција не исполнува речиси ништо од договорот што го потпиша во Нивици?! Ако таа „Конечна спогодба за разрешување на разликите…“ меѓу Грција и Македонија не ја почитува првата страна (имено Грција) шест години, значи дека  не е добра, не е функционална, а со тоа е и ништовна. Токму во таа светлина треба да се гледа одлуката на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која самоиницијативно одлучи да го прескокне зборот „Северна“ со кој луѓето од претходната власт легнуваа и стануваа, употребувајќи го дури и тогаш кога немаше ни најмала потреба, при пуштање селски водоводи, градинки, училишта, сокачиња, слепи улици.

Претседателката проф.д-р Гордана Силјановска ја испушти реф. „Северна“ бидејќи знае дека Преспанскиот договор е нелегален договор! Не кажувајќи го нелегитимното уставно име на државата со додавката „Северна“, туку само „Македонија“, ги скрши „стаклените нозе на Преспанскиот договор“. Со овој чин претседателката проф.д-р Гордана Силјановска најпрво истакна дека ова испуштање на обврзувачкото обезименување е нејзино лично право! Тоа право е неприкосновено! Токму тоа лично неприкосновено право е во директен судир со Договорот од Преспа. Ќе ги цитирам врвните светски експерти и професори по меѓународно право: кога диспозитивното право е во судир со императивното право, тогаш предност има императивното право, т.е. јус когенс (перемпторно, врховно право).

Е па, сега, по сето ова, слободно нека нѐ тужат Грците во Меѓународниот суд, но се сомневам по пресудата, со која минатиот пат го изгубија случајот. Сега само можат да плачат во Советот за безбедност на ООН и ништо повеќе. А наскоро и таму ги чека тежок пораз. Со над 10 поени разлика. Веќе е време Македонија по 30 години талкање по европските институции гласно да праша: дали таквите ирационални условувања, или барања на нашите јужни и источни соседи имаат крај и до кога зачленувањето во Европа ќе го бараме со таква попустлива и поданичка политика, која досега овој народ скапо ја плати? Време е за нов стил на водење политика, особено на меѓународен план, кој ќе нѐ отрезни од сите досегашни заблуди и ќе нѐ спаси од сите понизности.

Деновиве грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека иако не се согласувал со Преспанскиот договор, сепак тој го почитувал?! Единствено кога станува збор за Македонија, само таа како потписник речиси во целост ги исполни сите обврски од Преспанскиот договор. По 12 февруари оваа година, токму поради стриктното придржување на обврските од Преспанскиот договор, стотици илјади граѓани, поради немање лични документи и патни исправи, останаа заробеници во сопствената држава и стрпливо чекаат со месеци да ги добијат новите лични документи со новото уставно име на државата, за да можат да излезат од неа.

Грција сѐ уште нема ратификувано ниту еден меморандум во својот парламент, што е нејзина обврска во согласност со договорот. На македонските забелешки зошто не ги има сѐ уште ратификувано меморандумите, од грчката страна одговараат дека тие ќе бидат ратификувани кога ќе дојде вистинскиот момент. Никој не кажува од Атина, ниту од Брисел, кога ќе дојде тој вистински момент. Потврда за ваквата состојба најдете и во свежата изјава на поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која изјави дека парламентот во Атина требало уште многу порано да ги изгласа меморандумите поврзани со Преспанскиот договор.

Во Грција, нашата држава, која тие инсистираа да се преименува во „Република Северна Македонија“, сѐ уште ја викаат ФИРОМ, или Скопија. Тоа може да се види секојдневно на сообраќајните знаци на сите патни правци од кој било граничен премин со Грција. Една лага може еднаш-двапати да помине, но постојано – не може. Тоа важи и за Брисел. Веројатно со новите избори во јуни и таму ќе се свестат дека некој во Атина ги лаже.