Мицкоски-Милановиќ: Стабилна и просперитетна Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион

Стабилна, просперитетна и интегрирана Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион, потенцираше премиерот Христијан Мицкоски по денешниот работен ручек со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој е во официјална посета на Македонија.

Како што се посочува Мицкоски во објава на Фејсбук, со хрватскиот претседател разговарале за можностите за продлабочување на соработката, како и за важноста на заедничките напори во справувањето со глобалните предизвици.

– Разговорот беше исполнет со искрени ставови, регионални перспективи и заеднички визии за иднината. Потврдена беше поддршката за европската иднина на Македонија и јасната перспектива за членство во Европската унија, наведува Мицкоски.

Милановиќ, кој е во официјална посета на земјава, беше пречекан на скопскиот аеродром од шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, а со највисоки државни и воени почести беше пречекан од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со која имаше средба и заедничка прес-конференција.

https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2FMickoskiHristijan%2Fposts%2Fpfbid038NtsnYBqLf6nb1zccBrcyRRTFtBeYauS215UEWnKeziX8XKdpWwUKXDmoBdYV66Rl&show_text=true&width=500