Митрополитот Теодосиј Гологанов, македонски деец за обнова на Охридската архиепископија и жесток борец против Бугарската црква

На денешен ден, на 7 јануари, се навршуваат 178 години од раѓањето на Теодосиј Гологанов, знаменитиот македонски национален деец, митрополит, поборник за обновување на Охридската архиепископија и за создавање македонска национална држава. Тој е роден на 7 јануари 1846, Трлис, Драмско, денес во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 1 февруари 1926, Софија, Бугарија. Неговото световното име било Васил Гологанов. Во 1860 бил испратен во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Серско. Четири години по своето стапување во манастирот, Теодосиј бил ракоположен како јеромонах (1864) од страна на митрополитот Прокопиј. Во 1865 година Теодосиј активно се вклучил во националното движење преку борбата за отворање на училишта и замена на грчкиот со црковнословенскиот јазик при богослуженијата.

Егзархиска служба

Со создавањето на Бугарската црква – Егзархијата во 1870 година, отоманската власт дала можност на македонските епархии да одлучат под чија црковна управа ќе бидат и голем дел од нив се одлучиле за Егзархијата. Теодосиј е ставен во служба на Егзархијата и дејствувал како нејзин свештеник. Во 1874 година бил удостоен со архимандритски чин од страна на езгархот Антим. Во 1885 година бил устоличен како скопски митрополит, но бератот за поставување во Скопје го добил дури во 1890 година, поради спротивставувањето на Вселенската патријаршија, која била поддржана од Грција и Србија.

Допири со Тајниот македонски комитет

Во 1887 година Теодосиј се поврзал и со Тајниот македонски комитет, кој бил организација на македонските интелектуалци, незадоволни од односот на пропагандите кон македонската народна посебност. Комитетот имал своја програма, која се залагала за протерување на бугарските свештеници и учители од Македонија. Се барало печатење весник на македонски јазик. Пристигнувањето на митрополитот Теодосиј во Скопје предизвикало револт и протести од страна на грчкиот и српскиот конзул. Митрополитот Теодосиј бил избркан од Скопје на 27 април 1890 година. На 30 јули 1890 година Теодосиј пристигнал вторпат во Скопје.

Борба против пропагандите

Митрополитот Гологанов ги согледал штетните влијанија на странските пропаганди во Македонија и опасноста за македонската народна посебност. Во своето писмо од 22 јуни 1891 година до проигуменот Дионисиј пишал: „Бугарската црква – Егзархијата со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи… Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат по неговиот дух. Тие го уништуваат телото, но духот го почитуваат. А, Егзархијата го убива ова другото, постојаното… Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во Охридската Црква, нивната вистинска мајка црква.“

Митрополитот Гологанов против бугарската пропаганда презел и конкретни мерки. Најпрво го отстранил директорот на скопското училиште Антон Наследников, бидејќи бил Бугарин. Потоа презел дејство за отстранување на сите проегзархиски чиновници од црковно-училишната општина преку организирање нови избори. При изработката на списокот на учители за учебната 1891/92 година ги остранил имињата на сите учители, кои биле родум од Бугарија и ги заменил со Македонци. Сакал да биде отворено словенско одделение при вилаетската печатница во Скопје, каде што требало да бидат печатени книги на македонски јазик. На крај ги изгорел сите документи од Митрополијата и ги заменил со нови, во кои намерно бил изоставен зборот Бугарска егзархија. Овие документи биле печатени на македонски јазик, на штипско-велешко наречје. Во почетокот на октомври 1891 година за првпат почнал јавно да ја критикува Егзархијата, поради посегањето по самостојноста на македонските црковни општини и нејзината великобугарска политика. Предлагал отфрлање на туѓите цркви – вселенската и егзархиската.

Обиди за возобновување на Охридската архиепископија

Во 1891 година митрополитот Теодосиј се обидел да се договори со папскиот нунциј во Цариград за покровителството на Римокатоличката црква, за да се возобнови стародревната Охридска архиепископија, која ќе биде во канонско единство со Римокатоличката црква, тој да биде на нејзино чело како автокефален поглавар на црквата, епископите, свештеномонасите и мирските свештеници да бидат родум Македонци и назначувани од архиепископот, а епископите да можат само да бидат потврдувани од папата. Границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на Македонија. На 4 декември истата 1891 г. Теодосиј му напишал писмо на папата Лав ХIII, во кое го моли Светиот отец од свое и од името на целата православна паства во Македонија: „да нè прими под крилото на Римокатоличката црква, откако ќе ја обновиме стародревната Охридска архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767 година“.

Реакција на Бугарската егзархија

За сите активности на митрополитот Теодосиј Егзархијата и бугарската Влада биле темелно и постојано известувани од страна на своите приврзаници. На почетокот од јуни 1891 егзархот Јосиф I го повикал митрополитот Теодосиј да појде во Цариград и да ја образложи и оправда својата дејност во Скопската епархија. На ова, Теодосиј не одговорил по што следувале уште две покани. На сила е одведен во Цариград, каде што во јануари 1892 од страна на Егзархијата бил обвинет меѓу другото и за „создавање на народност што не постоела во историјата“. Во март 1892 година му била одземена титулата „Скопски митрополит“. Во врска со неговото сменување Д. Секарлиев истакнува: „Митрополитот Теодосиј не е ниту првата, ниту последна жртва на Бугарската егзархија. Тоа е една перфидна политика да се уништи уште во корен сознанието на славомакедонскиот народ за сопственото постоење.“

Влијание врз Македонското национално-ослободително движење

Митрополитот Теодосиј Гологанов извршил силно влијание врз младата македонска интелигенција и придонел да се разгори македонското национално чувство кај македонското граѓанство. Неговото сменување предизвикало револт кај македонскиот народ и се сметало како напад на националните стремежи. Сменувањето предизвикало масовни протести против Бугарската егзархија и тоа не само од страна на Скопската туку и од другите црковно – училишни општини (Охрид, Битола, Прилеп, Сер, Солун, Неврокоп, Штип, Струмица, Велес и други). Протестите носеле македонски национални белег, бидејќи се потенцирало дека Теодосиј Гологанов по потекло е Македонец, кој се стремел да ја обнови Охридската архиепископија.

Втора егзархиска служба

Потоа Гологанов се преселува во Бугарија. Црковните власти му простиле и бил назначен како помошник на Пловдивскиот митрополит Натанаил Охридски. Од 1901 до 1906 година Гологанов бил митрополит на Пловдивската епархија. По некој период Скопската епархија повторно останала без епископ и Теодосиј Гологанов се кандидирал за митрополит на оваа епархија. Стариот став на црковните авторитети повторно важел. Во Софија во ноември 1915 година, кога бугарската армија ги разбила српските војски во Македонија, го богослужел свечениот молебен по повод Денот на победата. Бил лектор во Духовната академија во Софија, каде што починал во 1926 година.

Преземено од „Википедија“