Мисајловски најави нов пакет воена помош за Украина

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, соопшти дека нов воена пакет помош за Украина ќе биде ставен на разгледување во Владата во блиска иднина. Како членка на НАТО, Македонија има обврска да доделува средства за помош на Украина секоја година.

– Има дополнителен пакет за помош на Украина, мислам дека многу скоро ќе се најде на седница на Влада. Чекаме сите да добијат безбедносен сертификат, бидејќи некои од информациите се со доверлив карактер. Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани каква опрема ќе се дава. Согласно регулативата, ние секоја година треба да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО.
Важно е овој период да направиме проценка на сето она што сме го дале како земја, бидејќи во овој момент ние сме петти донатор на Украина и тоа ќе продолжи во иднина. Тоа е важно за Украина и важно за нас да покажеме дека сме стабилна членка на НАТО – кажа Мисајловски, одговарајќи на новинарско прашање во касарната „Илинден“ во Скопје.

Министерот Мисајловски денеска изврши примопредавање на донација на опрема од Република Турција за потребите на Армијата. Како што соопштија од Мисајловски помошта од Турција се состои од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема.