Мир со сила во полза на Украина е утопија, смета Каракачанов

Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, не ја поддржува најавата од шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за формирање фонд од над 840 милијарди евра, од кој еден дел би бил наменет за поддршка на Украина во војната со Русија.

„Во никој случај не го поддржувам мислењето на Фон дер Лајен дека мирот треба да се постигне од позиција на сила во корист на Украина. Да, но САД ја прекинаа воената помош за Украина, ги прекинаа разузнавачките податоци итн., а Европа е во слаба позиција. Нема начин да се постигне оваа утопија за која зборува ЕУ“, изјави Каракачанов за БТВ, додавајќи: „Што се случи откако Зеленски беше избркан од Белата куќа? Се најавија итни фондови и беше одлучено да се создадат европски вооружени сили. Трамп ја прифаќа европската елита како надворешен непријател и тоа го покажува. Нема смисла да плаќаме двапати за одбрана – и на НАТО, и на европски воен сојуз“.

Лидерот на ВМРО-БНД го зеде во одбрана унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на вчерашниот самит во Брисел се спротивстави на пакетот помош од Европската унија за Украина.

„Унгарија не е првата земја што го крена гласот за напуштање на ЕУ. Слични гласови се слушнаа и од Франција. Вчера сите покажаа кон Орбан како да е некој криминалец затоа што искажа поинакво мислење“, рече Каракачанов.

Тој сочувствува со Украинците, но…

„Дали Украинците го заслужуваат тоа што им се случува? Не. Ниту еден народ не го заслужува тоа. Сепак, двете страни се виновни, но украинските политичари, а не народот. Што е виновен народот што ја плаќа сметката?“, објасни Каракачанов, според кој нема праведен мир по војна.