Најдобрата македонска ракометарка од последните неколку години се реши да се врати во земјава и да потпише со финалистот во Лигата на шампионите. Миријета Бајрамовска во ЖРК Вардар доаѓа од Крим каде што мина три многу успешни години.
“Императив е со македонски клуб да се борам за титулата во ЛШ, и би сакала и јас да дадам свој придонес во тоа. Во клуб каде професионализмот е на прво место, и каде секој си ги извршува задачите, резултатите се неизбежни. Инфраструктурата и условите што ги има Вардар се најдобри во Европа. Сакам да му се заблагодарам на менаџерскиот тим на Вардар и на сопственикот Сергеј Самсоненко за укажаната доверба за која максимално ќе се посветам да ја оправдам со моите настапи” вели Миријета.

Бајрамовска има долга и успешна кариера и во земјава и надвор од неа, а за тоа колку може да му помогне на ЖРК Вардар најдобро зборува податокот дека за Крим во сезоната 2014/5 во Лигата на шампионките постигна 59 гола.