Бојан Миовски долго ќе го памети каталонското дерби со Еспањол во кое до средината на првото полувреме зад своето име веќе имаше два гола и една асистенција, први за него во шпанската фудбалска Ла Лига во дресот на Жирона, која пред своите гледачи на „Монтиливи“ славеше со 4:1 во 14. коло.
Долго чекаше македонскиот напаѓач за да го скрши мразот во елитната конкуренција во Шпанија и во својот осми натпревар по доаѓањето од шкотски Абердин прво уште во 4. минута проигрувајќи го речиси од центарот стрелецот на водечкиот погодок Брајан Жил, кој му се реваншира со две додавања што Миовски ги реализира во 16. и во 22. минута.
За впечатокот што го остави голгетерот на репрезентацијата на Македонија беше награден со громогласен аплауз од навивачите по излегувањето од игра во 71. минута.
Заедно со двата гола против Екстрeмадура во Купот на кралот, 25-годишниот штипјанец сезонава има четири погодока за најпријатното изненадување во Шпанија минатата сезона.
Двата гола против Еспањол се одговорот на Миовски за предупредувањето од спортскиот директор Кике Карсел дека би можел да биде заменет со друг напаѓач во зимскиот преоден рок ако дотогаш не се „прилагоди“ по доаѓањето од шкотски Абердин, за кој погоди 44 пати во 91 настап во сите конкуренции.