Обидувајќи се да го задржи својот екстра талентиран голман, челниците на Милан се соодветно попустливи на барањата на младиот чувар Џанлуиџи Донарума или попрецизно на тоа што, како услов го поставува, прочуениот менаџер Мино Раиола. А цената е веќе подигната и тоа не за малку, туку за скоро двојно, па сега Милан ги зголеми почетните 2.5 милиони евра и е подготвен да се обврзе да ги зголеми на 4 и пол милиони евра по сезона. Но многу можно е тука ценкањето да не завршува.
Момчето што во февруари наполни 18 години веќе има 68 натпревари во Калчото и јасно е дека е талент невиден од појавувањето на Џанлуиџи Буфон, кој во неколку наврати потенцира дека е вистински феномен и дека би сакал да го види во Торино. Токму таа врска ги загрижува и на Сан Сиро, каде се плашат дека Јувентус може да вети повеќе и да им го грабне бисерот.
Ситуацијата околу Донарума будно ја следат и од Манчестер Јунајтед, и отворено најавуваат дека ќе се вклучат во наддавањето ако Милан и младиот голман не се договорат за подолг ангажман.