За тоа е потребна солидно развиена инфраструктура која претпоставува и железница, огромен простор од 300 до 400 хектари, пет до десет илјади работници со соодветно знаење, голем број добавувачи… Освен тоа, нема ни индустриска традиција, каква што имаат Словачка, Полска, Романија, констатира претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, во поткастот „Каде се парите?“на порталот „Пари“.
„Со популација како нашата и можностите кои ние би ги понудиле за производство на возила, според сите темелни анализи, е многу тешко, па дури и е во рамки на невозможното“, нагласува тој.
За нереализираниот проект за производство на електрични возила во фабрика во Тетово на компанијата „e.GO“, Мизо вели:.
„Не се сеќавам дека некој од компанијата официјално дојде да го објасни целиот тој процес, на кој начин ќе се произведува школката на возилото, дали таа ќе биде метална, од карбонски влакна или некој друг вид на композити.
Од каде ќе доаѓаат батериите, електромоторите, што точно и на кој начин ќе се составува овде и каде ќе се произведуваат возилата.
За тоа треба да има поврзаност со железница, дали до пристаниште па потоа со бродски транспорт или со железница директно до некои централни транспортни хабови, од каде со друг транспорт ќе се пренесат до крајните потрошувачи, сметам дека тоа е неопходно. Во нашиов случај беше избрана зоната во Тетово, но таа директно нема пристап до железница“, вели Мизо.
Според него, чудно било одолговлекувањето, со оглед на тоа што целта на секоја инвестиција е што побрзо да го оплоди вложениот капитал…