МЗТ одговори на нападот во Чаир со победа во доиграниот меч

Шампионот МЗТ Скопје Аеродром славеше со 89:84 против Чаир 2030 во доиграниот натпревар од 20. коло во Првата македонска кошаркарска лига, прекинат прексиноќа при водство на гостите од 44:42 поради физички напад врз нив на полувремето.

Пред празните трибини на спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир, „штрковите“ ја добија третата четвртина со 20:17, а во последната беше нерешено 25:25.

Американецот Џон Гилон беше најдобриот поединец во победничката екипа со 19 поени и 7 асистенции, по 16 поени запишаа Хрватот Марко Баковиќ и браќата Војдан и Дамјан Стојановски, а кај чаирчани и воопшто на средбата како прво име се издвои Бревин Галовеј од САД со 40 поени (12/16 за тројка) и 7 скока.

Со овој триумф, 16. во првенството сезонава, бранителот на титулата се израмни на врвот на табелата со вечниот ривал Работнички, а Чаир е на делба не четвртото место со 13 победи.