МЗТ Скопје го победи Карпош Соколи со 86-80 во третиот меч од финалето во домашниот кошаркарски шампионат и поведе со 2-1 во серијата која ќе заврши кога еден од претендентите ќе дојде до три триумфа. Следниот натпревар е в недела во Борис Трајковски кога Соколите се домаќини, а ако има потреба од мајсторка, во случај на победа на домаќинот во тој меч, мајсторката би била во вторник.
Од дуелот во Јане Сандански издвојуваме: МЗТ водеше цело време, имаше 10 разлика на полувреме (44-34) и 16 предност на средина од последната четвртина (76-60), но мечот сепак доживеа возбудлива завршница. Имено по водството на МЗТ од десет разлика, во 38. минута, и по инцидентот во кој навивачите фрлија предмети на терен, а нервоза демонстрираа гостите и нивното раководтсво, Карпош Соколи направи серија од 9-0 и дојде на поен разлика.
На крајот, во последната минута, Аеродромци беа беспрекорни од линијата за слободни, а Карпош веќе не погодуваше тројки, па МЗТ славеше.
Најдобри поединци кај МЗТ Скопје беа Тејмс со 22, Клоф со 21 и Дреновац со 20 поени, а кај Карпош Соколи, Пери даде 24, а Мавра 20 коша.