„Владата на * Македонија во понеделник, на 18 ноември 2024 година ќе отпатува за Косово на првата заедничка меѓувладина средба, откако е формирана. Покрај протоколарниот дел и усогласената агенда меѓу двете влади за прашањата, за кои ќе се разговара и договорите, што ќе бидат потпишани, оваа средба претставува и континуитет на нашата заложба за зајакнување на регионалната соработка, како и за третирање на Република Косово како рамноправен партнер во сите регионални иницијативи и активности.“ – нагласи вицепремиерот Изет Меџити и лидер на Демократското движење, од коалицијата Вреди на својот официјален фејсбук-профил спроти утрешната заедничка средба на Владата на Република Македонија со Владата на Косово, што ќе се одржи во Приштина.
Посочувајќи дека „Владата на * Македонија пристигнува во Приштина со проактивен пристап и искрен интерес за решавање на сите прашања од интерес за нашите две земји“, Меџити натаму истакнува: „И покрај проблемите, што новата влада ги наследи од претходните влади, и покрај оркестрираните стремежи да се обвинува новата влада за секој неуспех, наследен од минатото, духот на меѓудржавната соработка ќе се зајакне и меѓусебната доверба меѓу * Македонија и Косово ќе продолжи да расте и да се гради, бидејќи тоа е наша заедничка обврска пред нашите граѓани.“
Во својата објава на општествената мрежа Изет Меџити дополнува: „Сакам да ги информирам нашите политички партнери, пријатели и сите други општествени чинители во Република Косово дека Владата на * Македонија е решена и цврсто решена да работи, за да се преобрази Западниот Балкан во развиен и интегриран регион со институции и современи услуги, кои гарантираат слобода на изразување, слобода на движење и слобода на организирање за секој поединец или група, независно од нивната припадност.“
Претходно, вчера Меџити на фејсбук напиша дека „владите на * Македонија и Косово ќе одржат историска средба во Приштина“.
Потоа во оваа објава тој уточни дека „од оваа средба ќе произлезат следните одлуки, многу важни за нас“: – „Протокол за заеднички гранични точки кај Блаце-Елез Хан (Генерал Јанковиќ – заб.прев.) и Јажинце-Глобочица, односно за едношалтерски систем (One stop-shop), што ќе овозможи непрекинато движење на граѓаните преку само една гранична точка, без турканици и кој ќе доведе до економски развој.“ – „Договор во енергетиката за рационално користење на природните ресурси и за зајакнување на енергетската безбедност како одговор кон енергетската криза во регионот. – „Договор во образованието кој има за цел соработка во стручното образование и образованието на возрасните, како и за размена на искуства. Сите овие процеси ќе се остваруваат преку директни контакти на образовните институции.“
„Ова е само почеток, овие историски чекори ќе ги продолжиме со целосно убедување!“ – порача Изет Меџити спроти утрешната средба на владите на Македонија и Косово во Приштина.