Меџити во Тирана: ВМРО ДПМНЕ не е заложник на хипотеките од минатото!

„Новата влада е нов почеток за Македонија, бидејќи сегашната ВМРО-ДПМНЕ не е заложник на хипотеките од минатото. Сега е ова едно сосема друго ВМРО ДПМНЕ, ова е еден нов почеток. Се случи долгоочекуваната промена која донесе создавање на влада без ДУИ, која ја монополизираше албанската политика цели цели 22 години, а македонските партии постојано се менуваа.“ – изјави денес Изет Меџити, првиот вицепремиер на Владата на Република Македонија и лидер на Демократското движење, од коалицијата Вреди, на Конференцијата на амбасадорите во Тирана, организирана од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија.

„Сега е ова едно сосема друго ВМРО ДПМНЕ, ова е еден нов почеток. Ние сме таму како претставници на Албанците, легитимно. Ги претставуваме Албанците, но придонесуваме и за ориентацијата на државата, така што проевропската ориентација на државата останува на врвот на приоритетите. Го преземаме товарот, колку што ни припаѓа нам, како на Албанци, затоа што за да направиме уставни измени мора да имаме две третини од гласовите во парламентот“ – додаде во својата реч на оваа конференција Изет Меџити, пренесува порталот на албански јазик Алмакос.

На оваа конференција беа присутни и албански политичари од земјите од регионот, како и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, како домаќин на настанот. Зборувајќи за односите на официјална Тирана со Албанците во регионот, Хасани рече дека Тирана не се меша во внатрешните работи и во дијалогот на Албанците каде и да се тие, туку се обидува да разговара заедно, како што рече, со неговите сестри и браќа, за едно многу важно прашање – евроатлантските интеграции.

„Верувам дека сите албански политички сили, каде и да се, беа промотори на развојот и придвижувањето на општествата на * Македонија, Црна Гора, Косово, или јужна Србија кон европските семејства. Во ниеден момент, ние, барем оваа влада, нема да учествуваме и да интервенираме во внатрешно-политичките расправи, нема да им кажеме на Албанците од Косово, или * Македонија за кого да гласаат, или како да гласаат. Ќе бараме од сите да продолжат да се ангажираат и да ги задржат своите земји, своите општества во реалноста каде што се – кон ЕУ.“ – нагласи министерот Хасани.

Шефот на албанската дипломатија Игли Хасани на панел-дискусијата напомна дека Министерството за надворешни работи на Албанија започнало, како што рече, сериозен проект, за создавање оддел, кој ќе се занимава исклучиво со Албанците во регионот и кој ќе биде посветен на сите прашања, што ги засегаат Албанците, не само политички, туку и во образованието, здравството, културата и други. Хасани зборуваше и за зголемување на ангажманот на албанските дипломати во земјите од регионот.