Медијаторот со мандат од ОН во спорот за разликите за името Метју Нимиц денеска изјави дека не е време за конкретни предлози во дипломатскиот конфликт што трае речиси 30 години.

Наспроти оптимизмот што го ширеше новата влада медијаторот вели дека во наредниве некоку месеци во кои Грција и Македонија можат да имаат „интелигентни разговори“ не треба да се очекува конкретен напредок. Според него двете страни треба да размислат многу сериозно и многу внимателно да се слушаат меѓу себе.

По средбите со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров Нимиц за Атина заминува охрабрен но не очекува драматичен развој на настаните.

Во Скопје не разговарал за конкретни нови концепти за името и не дал нов предлог, туку со домаќините разговарале за интензивирање на односите меѓу двата соседа.

„Мислам дека во наредните неколку месеци не треба да се очекуваат драматични акции или промени. Не мислам дека е вистинско време за дефинитивни и конкретни предлози. Мислам дека треба период во кој двете страни ќе разговараат меѓу себе, може да има паметен разговор. Имаме нова влада овде, нов контекст во регионот. Мислам дека работите ќе се придвижат, но не гледам драматични настани во следните неколку месеци“, изјави Нимиц по средбите во Скопје.

Нимиц кој во регионото дојде по пауза од речиси 3 години смета дека е  многу охрабрувачки што првата посета надвор на министерот за надворешни работи Димитров беше на Атина и најави дека наскоро и министерот за надворешни работи Коѕијас планира посета на Скопје.

Тој е оптимист за решавање на спорот затоа што во Скопје има нова влада, во регионот нов контекст а проблемот меѓу двете земји е важен и за Македонија и за регионот и за ОН.

„Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“ рекол премиерот Заев, информираат од неговиот кабинет.

Вчера Нимиц се сретна со претседателот Иванов (читај тука за средбата) а нема најавена средба со лидерот на најголемата парламентарна партија Никола Груевски.