Богатиот ракометен ден за нас не започна добро бидејќи Металург загуби на гостување кај Бешикташ со 32-29. Сините од Автокоманда во мечот од 8 коло во групата Д од ЛШ имаа сили само за едно полувреме, за првото, во кое го видовме доброто лице на македонскиот вице првак кој, во тој период водеше и со 4 разлика, а го заокружи со предност од 15-13.
Но потоа по стариот, проверен и секако лош рецепт Металург имаше неколку празни одови, па еднаш прими 5, а два пати по три гола без да одговори и го доживеа петтиот пораз кој ги урева сите наши шанси за елиминациите. Најдобар поединец во мечот беше Египќанецот на голот на Бешикташ Хендави кој имаше 16 одбрани. Кај нас Кузмановски имаше 6, а Илиќ 5 гола.