Мерино ја смрзна Германија во 119. минута за полуфинале на Шпанија на ЕП!

Микел Мерино со глава во претпоследната минута од второто продолжение ѝ донесе победа на Шпанија од 2:1 над домаќинот Германија и полуфинале на Европското првенство во фудбал.

Играчот за врска на Реал Сосиедад влезе во игра десет минути пред крајот на основниот дел од натпреварот во Штутгарт и во 119. минута со виртуозен удар со глава ја испрати нафрлената топка од Олмо во мрежата на Нојер, директно кумувајжи ѝ на првата елиминација на организатор на ЕП во четвртфиналето.

Токму Олмо во 51. минута ја приближи „фуријата“ до местото меѓу четирите најдобри селекции на турнирот, но резервистот Вирц, кој заигра од почетокот на второто полувреме, израмни во 89. минута и донесе нови возбудувања, по кои на крајот се радуваа Шпанците.

Првиот полуфиналист на шампионатот за пласман во финалето ќе се бори со подобриот од вечерашниот дуел меѓу Франција и Португалија.