МВР не кажува што правел српскиот разузнавач во Собранието

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека на 27 април за време на насилството во собранието агентот на српската тајна служба Горан Живаљевиќ минал 120 минути во претставничкиот дом.

Од таму сепак не даваат информации што точно правел во тој период српскиот агент односно дали тој лично предизвикал насилство, дали нападнал некој од пратениците, дали ги насочувал демонстрантите или пак ги организирал. Според МВР српскиот разузнавач кој доби заштита од српскиот министер за надворешни работи Дачиќ и претседателот на Србија Вучиќ може да добие две кривични пријави.

– ОЈО Скопје е известено во врска со утврдување на присуство на странски државјанин во Собранието, а се однесува на две кривични дела „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ и „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, е информацијата од МВР.

Од таму тврдат дека по извршениот преглед на доставените видео материјали констатирано е дека се работи за Г.Ж. српски државјанин кој внатре во Собранието бил присутен од 22:04 до 00:11 минути по полноќ по што си заминал.

Според официјален Белград нивниот разузнавач во нередите бил присутен со цел да утврди дали во нив учествуваат српски државјани.