Јужно од Скопје, на околу дваесетина километри, во непосредна близина на селото Маркова Сушица, со векови опстојува Марковиот манастир со црква посветена на светиот великомаченик Димитриј Мироточив.
Манастирскиот комплекс го сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14. век и отворен трем од 19. век, манастирски двор, две манастирски трпезарии кои се фрескописани во 14. век, од нивната внатрешна и надворешна страна (денес во манастирот се сочувани конзервирани делови-остатоци од фрескописот), конаци со убави чардаци, Параклис (помала црква посветена на Свети АпостолМарко), музеј, галерија за икони и други простории, воденица во манастирскиот двор. Во манастирскиот двор се влегува низ стара висока дрвена порта.


Манастирската црква, според нејзината архитектура е од типот цркви со една купола која високо се издига над кровната конструкција. На источната страна има голема олтарна апсида, а на западната – нартекс.
Манастирската црква ја фрескописале, во византиски стил, во повеќе зони, во 14. век тогашни зографи од Охрид и Скопје, меѓу кои имало и зографи-монаси.


Денес Марковиот манастир, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан е женски манастир, во кој живеат две искушенички и една монахиња, возглавени од игуменијата Илијана. Со доаѓањето на новото сестринство во манастирскиот комплекс се изгради нов Параклис посветен на Св. Апостол и Евангелист Марко, а се возобнови црковниот живот како и византискиот иконопис и фрескопис. Некои од послушанијата кои ги извршуваат сестрите во манастирот освен цртање икони и фрески се и плетење на бројаници и крстови, како и многу други активности.