„Маркарт“ се фали со инвестицијата во Македонија

Германскиот производител на делови за автомобилската индустрија и на мехатроника „Маркарт“ преку претседателот на Бордот, Харалд Маркарт, изрази големо задоволство од резултатите годинава, посебно посочувајќи ја својата фабрика во Македонија.

„Годинава очекуваме продажбата да ни достигне околу 1,2 милијарди евра. Покрај тоа, имаме зголемување на бројот на вработени за околу десет проценти, па сега имаме 10.000 работници ширум светот. Имаме силен раст во Мексико и во Македонија, но во исто време растеме и во Германија. Нашата фабрика во Македонија, која ја отворивме во 2015 година, веќе работи со капацитет од 80 проценти“, изјави Маркарт за германскиот регионален дневен весник „Швебише“.


Компанијата со седиште во Ритхајм-Вајлхајм својата фабрика во Велес на 14.000 квадратни метри почна да ја гради во 2014 година, а со производство започна во јуни 2015 година.