Во ретко интервју за медиумите ќерката на Слободан Милошевиќ раскажа за она што се случувало во ноќта на апсењето на татко ѝ, кога вилата во која поранешниот претседател престојувал со членовите на семејството била обиколена од специјални српски полициски единици.
„Тој отиде, бидејќи ако не одеше со нив во затвор, му рекоа дека ќе ги убијат сите луѓе што беа дома, а дома имаше повеќе од 30 луѓе. Имаше пријатели на мојата мајка и на татко ми, мои пријатели. Ја демолираа целата резиденција, навистина можеа да нè убијат, тоа ќе го помнам до крајот на мојот живот…“, раскажува Марија Милошевиќ, пренесува приштинска „Газета Експрес“ без да наведе извор на интервјуто.
Таа уште рекла дека секој ден го посетувала татко ѝ во белградскиот затвор.
„Еден ден обвинението од Карла дел Понте стигна до ќелијата, а пред тоа добивме гаранции од Коштуница и од Ѓинѓиќ дека нема да биде екстрадиран во странски затвор“, рече ќерката на Милошевиќ, кој почина без да заврши судскиот процес против него во Хашкиот трибунал, пишува „Газета експрес“.