„Не може да се толкува толку лесно, да се поништи законот за јазиците, бидејќи тоа може суштински да ги дестабилизира односите меѓу двете најголеми етнички групи. Прашањето е многу чувствително и може да влијае на хаосот и кризата во општеството. Уставниот суд мора да биде внимателен во толкувањето на овој предмет.“ – изјави д-р Мерсим Максути, професор по уставно право во Правниот факултет на државниот Универзитет во Тетово. Ова го објави ТВ Алсат.
Натаму, ТВ Алсат пишува: Максути смета дека Уставниот суд при расправата и донесувањето на одлуката треба да ги има предвид спецификите, внатрешните карактеристики, соживотот, духот на Охридскиот договор. Според него, треба да се следат практиките на најреномираните судови, особено на Врховниот суд во Америка, кој во врска со истото прашање, по 100, или 50 години, кога таму се променија општествено-политичките околности, направи и поинакво толкување, за да не се случи дестабилизација и за да не се создаде хаос и криза во политичкото општество на САД.
Професорот Мерсим Максути тврди дека „доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ги инспирирало институциите да ги оживеат предметите, ставени во фиоките“. Меѓу нив е и оспорувањето на Законот за јазиците, кој во Уставниот суд е од 2019 година. Според Максути, ова можело да биде спречено, ако беше регулирана правната основа на законот во овој период. „Ние сме високо политизирано општество. Законот за албанскиот јазик доаѓа како последица на нерегулирање со Уставот. Јас веќе кажав дека во одреден момент ова ќе биде отворено како прашање пред Уставниот суд.“ – посочи Максути.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски изјави дека законот ќе биде ставен на дневен ред во првата недела од октомври. Според него, со овој закон, „политиката создала правен хаос, кој предизвикал и политички хаос, недоверба, дилеми“.