Макрон со минимална излезност до максимална победа

Партијата „En Marche“ на францускиот претседател Макрон води со 32 % од гласовите според излезните анкети  на парламентарните избори во Франција и се очекува да добие апсолутно мнозинство во националниот парламент но ќе има проблем со легитимитетот на новата влада.

Неговата партија која беше формирана пред една година со првенствена цел да го доведе до претседателската функција може во вториот круг на изборите што ќе се одржи за една недела да освои околу 430 места во парламентот од вкупно 577 што може да биде една од најголемите изборни победи во поствоена Франција.

Најголеми губитници на изборите се умерената десница и левица кои што вкупно ќе имаат не повеќе од 150 пратеници. Особено е голем дебаклот на Социјалистите кои најверојатно ќе загубат 200 пратенички места и на овие избори ќе освојат меѓу 25 и 30.

Макрон и неговата партија сега ќе имаат два крупни проблеми пред себе.

Најпрвин на 18 јуни да ги натераат Французите да излезат и да гласаат за било кого затоа што денеска на изборните места излегоа не повеќе од половината запишани гласачи.

Вториот долгорочен проблем за Макрон ќе биде легитимитетот на новата влада кој што практично ќе владее со околу една четвртина од вкупниот број гласачи.